Некои деца покажуват карактеристики на емпатија уште кога се многу мали, но, генерално децата се раѓаат со концепт дека се центарот на универзумот. Секој кој што има поминато значително време со бебе, знае дека тие се многу егоцентрични. Тие, всушност се свесни за своите потреби, но во никој случај не ги земаат туѓите потреби во предвид (помислете на хранењето во 3 наутро). За среќа, ова чувство на самодоволност трае кратко.
Малите бебиња не знаат ништо за чувствата од другите, но ниедно бебе не останало рамнодушно штом чуе друго бебе како плаче. Дали во овој случај станува збор за сочувство или инстиктивна мимикрија, сеуште не се знае.
Многу луѓе веруваат дека емпатијата е карактерна особина со која луѓето се раѓаат или воопшто не ја поседуваат. Но ова е далеку од вистината. Ви претсставуваме 5 начини со кои родителите, наставниците и воспитувачите полесно ќе ја развијат емпатијата кај децата како дел од нивната секојдневна рутина.
Научете ги на едноставни емоции
За да можеме да разбереме како друга личност реагира во одредена ситуација, треба прво само да бидеме свесни за нашите чувства. Дете кое знае кога е исфрустрирано, многу полесно ќе препознае друго дете кое е во слична состојба. Нашата работа, како родители, е да ги научиме нашите деца да ги препознаваат и именуваат чувствуваат и емоциите, и дека тие се сосема нормални. Велејќи му на вашето дете “Разбирам дека си лут бидејќи сестра ти не сакаше да ги дели нејзините коцки со тебе.“, му покажува дека тоа што го чувствува има име и дека вие како родител може да се поврзете со тоа чувство бидејќи и вам ви е познато. Во слична ситуација, вашето дете ќе може да се поистоветува со друго детенце, бидејќи го препознава тоа чувство.
Постарите деца треба да ги учиме на покомплексни емоции соодветно на настанатата ситуација, на пример: “Ми изгледаше како да се засрами кога ги сретнавме моите пријатели во трговскиот центар.“ или “Изнервирана сум бидејќи чичкото ми го фати паркинг местото.“. Овие се убави примери за да ги научите вашите деца да ги именуваат конкретните чувства. Децата многу полесно ќе можат да помогнат на друг кој се наоѓа во слична ситуација, откако веќе се запознале со одредено чувство, и ќе знаат со која алатка да се послужат (прегратка или длабоко вдишување).
Применувајте сочувствително однесување
Децата секогаш внимаваат и нé пратат внимателно. Не ме сфаќајте погрешно, тие нема да ве послушаат кога ќе им кажете да си ја исчистат собата или кога ќе ги предупредите дека само едно колаче е доволно, но тие постојано го абсорбираат светот околу нив. Ако сакаме да бидеме добар пример во покажување на емпатија, ние мораме навистина да се потрудиме и тоа секојдневно да го правиме. На пример, како му се обраќате на вашиот сопруг кој се вратил од работа со лошо расположение? Се трудите да го расположите или го обвинувате затоа што бил доволно дрзок да си дојде дома со такво расположение?
Скоро е невозможно да се израснат деца без да бидат сведоци на конфликт. Одбегнувањето на конфликт пред вашите деца може да биде исто така штетно, како и постојаното карање пред нив. Кофликтите се неизбежни, но децата очекуваат ние да им помогнеме да ги решат овие непријатни ситуации. Кога зборуваме за нашите разлики и покажуваме дека има различни перспективи и знаеме дека понекогаш треба да попуштиме, ние всушност покажуваме дека е во ред да се имаат различни идеи. Целта е да се решаваат конфликтите без да се омаловажува или понижува другата личност.
Учете ги на емпатија
Не е доволно само да се ставите во туѓа положба. Да ги разберете околностите во кои се наоѓа другата личност и да се потрудите да ја подобрите неговата состојба, е тоа е вистинско разбирање и покажување сочувство.
Ова можат да го направат и многу мали деца. Како пример ќе ви го наведам моето лично искуство. Се наоѓам во занималната на мојата тригодишна ќерка и воспитувачката ги спрема дечињата да седнат за да им прочита приказна. Го заприметувам едно детенце како почнува силно да плаче затоа што друго детенце му го зазема местото на кое сакаше да седне. Во истиот момент кога сакав да му пружам утеха, едно девојче му се насмевнува, го фаќа за рачето и го води кон нејзиното место, на самиот ќош од занималната каде што таа веќе си има послано ќебенце за да може удобно да ја слуша приказната. Толку се возбудив од глетката што не можев да им верувам на очиве. Ова тригодишно девојче успеа да ја забележи вознемиреноста на другарчето, вознемиреност која не беше поврзана со неа и да ја сфати ситуацијата во која се наоѓа момчето и несебично да му пружи утеха. Ова дело е за пофалба за било кој возрасен, а особено за малечко детенце.
Оставете ги да помагаат
Ставете ги децата во ситуации каде што ќе можат да ја покажат својата сочувствителност. Многу е лесно едно детенце да се поистоветува со друго ако се најде во ситуација која првото веќе ја доживеало. Но, ако ги одделувате вашите деца од други, врз основ на годините, расата или социоекономскиот статус, тие секако ќе се запознаат и со другата верзија кога тогаш. Потрудете се вашите деца пореално да го гледаат светот околу нив, верувајте, само така ќе му помогнете да се изгради во личност со висока емоционална интелигенција подготвена да помага и сочувствува со другите.
Бездомништвото за седумгодишно дете може да биде несфатливо, затоа што тоа живее во истата куќа од денот кога се родило. Но, ако му покажете дека не се сите така среќни и дека понекогаш малку храна, облека и медицинска помош значат многу. Така ќе ги научите како би се чувствувале доколку немаат ништо. Самиот чин со помагање на бездомници го учи вашето дете да биде сочувствително со маката на непознати, но и да го подобрува квалитетот на животот на непознат човек.
Позитивно охрабрувајте го емпатичното однесување
Не е никакво изненадување, дека ако го наградувате позитивното однесување тоа ќе биде уште поуспешно. Наградувањето е одлична алатка за учење. Ако им објаснувате на децата зошто ги наградувате додека ги учите на емпатија, во иднина, таа значително ќе се зголемува. Наместо да ги казнуваме затоа што не биле сочувствителни кон други, ние треба да ги пофалиме ако ги фатиме во извршување на чинот на добрина и да им посочиме дека тоа што го направиле е од голема помош. “Марко беше прилично вознемирен кога топката му заглави на дрвото, ама те видов кога ти го гушна и мислам дека многу му олесна што има другар како тебе! “. Кај помалите деца не мора фалењето да биде долго, само објаснете му што видовте, кои емоции ги приметивте и дека тоа што го направи вашето дете е за голема пофалба. Следниот пат ќе бидат уште повеќе вклучени во пружање помош и поддршка.
Нивото на развиена емпатија одредува како ќе реагираат нашите деца додека растат. Дете кое има развиено висока емпатија со сигурност нема да тепа и малтретира други деца. Дури со сигурност таквото дете ќе застане во одбрана на друго дете на кое му се потсмеваат или го малтретираат. Искористете ја секоја прилика да му покажете на вашето дете дека ја има моќта на некому да му го направи денот поубав, со тоа што ќе покаже дека се грижи и што ќе понуди помош.
Родителите сакаат нивните деца да бидат добри луѓе. За волја на вистината, да се биде “добра личност” е слаб концепт бидејќи карактеристиките за секого се различни. Повеќето родители ќе се согласат дека сакаат нивното дете да биде добро со другите деца. Научете ги дека секој ден можат да бидат добри, ако ги разбираат и им покажат поддршка. Малите чекори сега, ќе имаат силно влијание понатаму во нивниот живот.